македонски

 

 

 

 

 

Карл Маркс

 

1875

Критика на Готската програма

 

Содржина

Фридрих Енгелс: Предговор (1891)

Писмо на Карл Маркс до Вилхелм Браке (1875)

Критика кон Готската програма

Писмо на Фридрих Енгелс до Август Бебел (1875)

Писмо на Фридрих Енгелс до Карл Кауцки (1891)



 

Фридрих Енгелс

ПРЕДГОВОР КОН „КРИТИКА НА ГОТСКАТА ПРОГРАМА"

ОД КАРЛ МАРКС

 

Ракописот отпечатен овде - придружното писмо до Браке како и критиката на нацртот на програмата - беше во 1875, малку време пред Готскиот конгрес на обединувањето[1] , испратен до Браке за да им го соопшти на Гајб, Ауер, Бебел и Либкнехт и потем да му го врати на Маркс. Бидејќи Халскиот партиски конгрес ја стави дискусијата на Готската програма на дневен ред на партијата[2], мислам дека ќе е прикривање од мене ако овој важен - можеби најважен - документ што засега во оваа дискусија и понатаму би го криел од јавноста.

Но ракописот има и едно друго и подалекусежно значење. Овде за првпат јасно и непоколебливо е изложено Марксовото становиште кон правецот по кој тргна Ласал започнувајќи ја својата агитација, и тоа во однос кон економските принципи на Ласал и во однос на Ласаловата тактика.

Безобѕирната острина со која овде се расчленува нацртот на програмата, неумоливоста со која се изречуваат добиените резултати и се откриваат слабите места на нацртот - сето тоа денес, по петнаесет години, не може веќе никого да повреди. Специфични ласаловци постојат само уште во странство како изолирани урнатини, а Готската програма ја напуштија во Хале дури и нејзините творци како крајно незадоволителна.

И покрај тоа, јас некои остри изрази и судови за одделни лица, таму каде што тоа беше безразлично за самата работа, ги испуштив и ги заменив со точки. Маркс самиот би го сторил тоа кога ракописот би го објавил денес. Жестокиот тон на некои места од ракописот беше предизвикан од две околности. Прво, Маркс и јас бевме со германското движење сраснати потесно отколку со кое и да било друго; решителниот чекор назад што идеше на показ во оваа нацрт-програма мораше нас, значи, особено силно да нè

вознемири.

Второ, ние тогаш, одвај две години по Хашкиот конгрес[3] на Интернационалата, водевме најжестока борба со Бакунин и неговите анархисти, кои нас не правеа одговорни за сето она што се случуваше во работничкото движење во Германија; ние моравме, според тоа, да очекуваме дека ќе ни се подметне и тајно татковство на таа програма. Овие обѕири сега отпаѓаат, а со нив и неопходноста на односните места.

И поради законот за печатот некои реченици се набележани со точки. Таму каде што морав да одберам поблаг израз, тој е ставен во аглести загради. Инаку отпечатокот е буквален.

 

Лондон, 6 јануари 1891                  

 

  Ф. Енгелс


 

 

_____

 

 

Забелешки на преведувачот

 

[1] На конгресот во Гота (22-27 мај 1875) се обединија двете тогашни германски работнички организации: Социјалдемократската работничка партија, основана од В. Либкнехт и А. Бебел во 1869 година (т. н. ајзенаховци) и ласаловскиот Општ германски работнички сојуз под раководство на Хазенклевер, Хазелман и Тедке во Социјалистичка работничка партија на Германија.

 

[2] Конгресот на германската социјилдемократија во Хале на реката Зале на 16 октомври 1890 година, на предлог на В. Липкнехт, главниот автор на Готската програма, реши за следниот партиски конгрес да се изработи нацрт на нова програма. Новата програма беше усвоена во октомври 1891 година на конгресот во Ерфурт („Ерфуртска програма").

 

[3] Хашкиот конгрес на Првата интернационала (септември 1872) се одвиваше во знак на борба против бакунинистиге. Мнозинството од конгресот застана на страната на Генералниот coвет на чело со Маркс. Бакунин беше исклучен од Интернационалата.

 

 

 

 

 

Карл Маркс

ПИСМО ДО ВИЛХЕЛМ БРАКЕ[1]

 

 

Лондон, 5 мај 1875.

 

Драги Браке,

 

Бидете толку добар приложените критички глоси кон коалиционата програма, по прочитувањето, да ги доставите до Гајб и Ауер, до Бебел и Либкнехт за разглед. Јас сум презафатен и морам и така да го пречекорувам времето за работа што ми го пропиша лекарот. Затоа мене не ми беше никаква „наслада" да изнапишам олку хартиишта. Сепак тоа беше неопходно за партиските пријатели, на кои им е наменето, да не би погрешно да ги протолкуваат чекорите што подоцна ќе морам да ги сторам.

<Имено, штом ќе се одржи коалициониот конгрес, Енгелс и јас ќе објавиме куса изјава со содржина дека ние стоиме сосема далеку од споменатата принципиелна програма и дека со неа немаме ништо општо.>[2]

Ова е бездруго потребно, зашто во странство се одгледува мислење - крајно погрешно мислење, кое најгрижливо го поттикнуваат непријателите на партијата -дека ние одовде скришно диригираме со движењето на таканаречената ајзенашка партија. Веќе во една книга излезена неодамна на руски јазик[3] Бакунин, на пример, ме прави одговорен <не само> за сите програми итн. на оваа партија, <туку дури и за секој чекор што го направил Либкнехт од денот на својата соработка со Народната партија[4]>.

Без оглед на тоа, моја должност е една програма која, по мое убедување, е апсолутно за отфрлање и која ја деморализира партијата да не ја признавам дури ни со дипломатско молчење.

Секој чекор на вистинското движење е поважен од дузина програми. Ако, значи, не можеше - а приликите тоа не го допуштаа - да се појде подалеку од Ајзенашката програма, требале просто-напросто да се склучи спогодба за акција против општиот непријател. А штом се прават принципиелни програми (наместо ова да се одложи дотогаш додека таа работа не биде подготвена со подолга заедничка работа), тогаш пред сиот свет се поставуваат меѓници според кои се мери височината на партиското движење.

Шефовите на ласаловците дојдоа зашто приликите ги присилија на тоа. Да им беше однапред речено дека не се допушта никакво пазарење со принципи, тогаш тие ќе мораа да се задоволат со акциона програма или организационен план за заедничка акција. Наместо тоа, им се дозволува да дојдат вооружени со мандати и овие мандати им се признаваат за важечки; се предаваат на милост и немилост оние што самите имаат нужда од помош. А за да се круниса работата, тие повторно држат конгрес пред компромисниот конгрес, додека сопствената партија свикува свој конгрес post festum. <Се сакало очигледно да се задуши секаква критика и да не и се допушти на сопствената партија да се свести.> Се знае дека самиот факт на обединувањето ги задоволува работниците, но се греши кога се мисли дека овој миговен успех не е прескапо платен.

Впрочем, програмата не чини ништо, дури и без оглед на нејзиното канонизирање на ласаловското вјерују.

< Во најскоро време ќе ви ја испратам последната свеска на француското издание на „Капиталот"[5]. Натамошниот тек на печатењето го попречуваше долго време француската влада со својата забрана, Оваа или во почетокот на следната недела работата ќе се заврши. Дали ги добивте првите 6 свески? Напишете ми ја, ако повелите, и адресата на Бернхард Бекер, на кого исто така морам да му ги испратам последните свески.>

Книжарницата „Volksstaats" си има сопствени манири. Така, до овој момент, не ми испрати ни еден единствен примерок на новото издание на „Келнскиот комунистички процес".

Со најубав поздрав,


Вашиот Карл Маркс

 

 

______


Забелешки на преведувачот

 

[1] Над писмото Маркс ја додал следнава забелешка: „N(ota) bene. Ракописот мopa да биде вратен во Bаши раце, за при нужда да ми стои на располагање."

 

[2] Местата што беа изоставени во 1891 и беа заменети со точки се ставени во аглести загради.

 

[3] Се има предвид книгата на Бакунин „Государственностъ и анархия", која излезе анонимно и без приведување на местото во Швајцарија (Цирих, 1873), на руски јазик.

 

[4] Народната партија била основана во септември 1865 во Дармштат. Спротивно на обединувањето на Германија под хегемонија на јункерска Прусија, оваа ситнобуржоаска партија се застапуваше за федеративно обединување.

 

[5] Францускиот превод на „Капиталот“, кој излегуваше во свески од 1872-1875 година во Париз гo редигира самиот Маркс.

 

 

 

 

 

Карл Маркс

ПАТЕМНИ ЗАБЕЛЕШКИ КОН ПРОГРАМАТА НА ГЕРМАНСКАТА РАБОТНИЧКА ПАРТИЈА

 

I

 

 

1. „Трудот е извор на сето богатство и на сета култура, а бидејќи корисниот труд е можен само во општеството и со општеството, приносот на трудот неначнат, според еднаквото право, им припаѓа на сите членови на општеството".

Првиот дел од параграфот: „Трудот е извор на сето богатство и на сета култура."

Трудот не е извор на сето богатство. Природата е извор на употребни вредности (а од овие пак се состои стварското богатство!) исто толку колку и трудот, кој и самиот е само пројавување на една природна сила, на човечката работна сила. Таа фраза се наоѓа во сите детски буквари и е дотолку точна доколку се претпоставува дека трудот се изведува со соодветни предмети и средства. Меѓутоа, една социјалистичка програма не смее да им допушти на ваквите буржоаски изрази да ги премолчуваат условите кои единствено им даваат смисла. Само доколку човекот кон природата, првиот извор на сите средства и предмети на трудот, се однесува како сопственик, постапува со неа како со нешто што нему му припаѓа, дотолку неговиот труд станува извор на употребни вредности, според тоа и на богатството. Буржуите имаат многу добри мотиви да му накалемат на трудот натприродна творечка сила, зашто токму од природната условеност на трудот следува дека човекот, кој не поседува никаква друга сопственост освен својата работна сила, во сите општествени и културни состојби мора да биде роб на други луѓе што се сториле сопственици на условите на трудот. Тој може да работи само со нивно одобрение, значи само со нивно одобрение да живее.

Да ја оставиме сега оваа реченица каква што е пуштена да оди, или поскоро да поднакуцува. Што би требало да се очекува како изведок? Очевидно ова:

„Бидејќи трудот е извор на сето богатство, тогаш во општеството никој не може да си присвојува богатство за себе на поинаков начин освен како производ на трудот. Ако, значи, некој не работи самиот, тој живее од туѓ труд и својата култура ја присвојува исто така на сметка на туѓ труд."

Наместо тоа со помош на зборовното шрафче „а бидејќи" се пристава една втора реченица за да се направи изведок од неа, а не од првата.

Вториот дел од параграфот. „Трудот што донесува корист е можен само во општеството и со општеството."

Според првата реченица трудот беше извор на сето богатство и на сета култура, значи, дека и ниедно општество не е можно без труд. Сега дознаваме обратно: дека ниеден труд што „донесува корист" не е можен без општество.

Би можело со исто право да се рече дека некорисниот труд и дури и општо штетниот труд би можел да стане стопанска гранка само во општеството, дека само во општеството е можно да се живее од безделништво, итн. итн. - накусо, би можел да се препише целиот Русо.

А што е труд кој „донесува корист"? Сепак само труд што произведува пожелен ефект. Дивјакот - а човекот е дивјак кога престанал да биде мајмун - кој со камен убива животно, собира плодови итн. изведува труд „што донесува корист".

Трето: заклучокот: „А бидејќи трудот што донесува корист е можен само во општеството и со општеството – приносот од трудот им припаѓа наполно целиот, според еднакво право, на сите членови на општеството".

Убав заклучок! Ако трудот што донесува корист е можен само во општество и со општество, приносот од трудот му припаѓа на општеството - на поединечниот работник од него му доаѓа само онолку колку што не е нужно за „условот" на трудот, општеството, да се одржи.

Всушност, овој став го изнесуваа челните борци на секоја дадена општествена состојба. Прво идат барањата на владата, со сето она што притоа оди, зашто таа е општествен орган за одржување на општествениот поредок; потоа идат барањата од разни сорти приватни сопственици, зашто разните сорти приватна сопственост се темели на општеството итн. Се гледа, овие шупливи фрази можат да се вртат и сучат по волја.

Првиот и вториот дел од параграфот имаат некаква разбирлива врска само во оваа формулација:

„Трудот станува извор на богатство и на култура само како општествен труд", или, што е исто, „во општество и со општество".

Оваа поставка е неоспорно точна, зашто ако изолираниот труд (се претпоставува дека постојат неговите материјални услови) и може да создава употребни вредности, тој не може да создава ни богатство ни култура.

Но исто така е неоспорна и другата поставка:

„Во онаа мера во која трудот општествено се развива и со тоа станува извор на богатството и на културата, се развива сиромаштво и запуштеност на страна на работниците, богатство и култура на страна на неработниците".

Тоа е законот на сета досегашна историја. Требало, значи, наместо општите играња со зборови за „трудот" и за „општеството", јасно да се покаже дека во сегашното капиталистичко општество најпосле се создадени материјални итн. услови што ги оспособуваат работниците и ги присилуваат да му стават крај на ова општествено проклетство.

Всушност, сиот овој стилистички и содржински промашен параграф се нашол овдека само затоа да ја напише Ласаловата потсетница за „неначнатиот принос од трудот" како парола на врвот од партиското знаме. Јас подоцна ќе се вратам на „приносот од трудот", на „еднаквото право" итн., зашто истото нешто се повторува во донекаде поинаква форма.

 

2. „Во денешното општество средствата на трудот се монопол на капиталистичката класа; од тоа условената зависност на работничката класа е причина на бедата и ропството во сите форми."

Оваа реченица земена од Статутот на Интернационалата во ова „подобрено" издание е погрешна.

Во денешното општество средствата на трудот се монопол на земјопоседниците (монополот на земјишната сопственост е дури база на монополот на капиталистичката класа) и на капиталистите. Статутот на Интернационалата не ги споменува во соодветниот пасус ниту едната ниту другата класа монополисти. Тој зборува за „монопол над средствата на трудот, т.е. над изворите на животот"; Додавката „изворите на животот" покажува доволно јасно дека во средствата на трудот е вклучена и земјата.

Поправката е извршена бидејќи Ласал, од сега општопознатите причини, ја напаѓаше само капиталистичката класа, не земјопоседниците. Во Англија капиталистот во најповеќето случаи не е сопственик дури и на земјиштето на кое се наоѓа неговата фабрика.

 

3. „Ослободувањето на трудот бара издигање на средствата на трудот до заедничко добро на општеството и колективно регулирање на севкупниот труд со праведна распределба на приносот на трудот."

„Издигање на средствата на трудот до заедничко добро"! Тоа очигледно треба да гласи нивно „претворање во заедничко добро“. Но ова само патем речено.

Што е „принос од трудот"? Производот на трудот или неговата вредност? А во вториот случај, вкупната вредност на производот или само оној дел од вредноста што трудот го придодал кон вредноста на потрошените средства за производство?

„Принос од трудот" е една комотна претстава што Ласал ја ставил на местото на определените економски поими.

Што е „праведна" распределба?

Зарем буржујот не тврди дека денешната распределба е „праведна"? И зарем на дело не е таа единствена „праведна" распределба на денешниот начин на производство? Зарем економските односи се управуваат од правни поими, или, не произлегуваат ли, обратно, правните односи од економските? Зарем и социјалистичките секташи немаат најразлични претстави за „праведна" распределба?

За да се знае што во оваа згода треба да се подразбира под зборовите „праведна распределба", првиот параграф треба да се сопостави со овој параграф. Последниов претпоставува општество во кое „средствата на трудот се заедничко добро и во кое севкупниот труд е колективно регулиран", а од првиот параграф гледаме дека „приносот на трудот" неначнат, според еднакво право, им припаѓа на сите членови на општеството".

,,На сите членови на општеството"? И на оние што не работат? А каде е тогаш „неначнатиот принос од трудот"? Само на оние членови што работат? А каде е тогаш „еднаквото право" на сите членови на општеството?

„На сите членови на општеството" и „еднакво право" се очевидно само вербализми. Она суштественото е во тоа комунистичко општество секој работник да мора да го добие својот „неначнат" ласаловски „принос од трудот".

Ќе го земеме ли најпрво изразот „принос од трудот" во смисла на производ на трудот, тогаш колективниот принос од трудот е севкупниот општествен производ.

Од него пак треба да се одземе:

Прво: делот за замена на потрошените средства за производство.

Второ: дополнителниот дел за проширување на производството.

Трето: резервниот фонд или фондот за осигурување од несреќни случаи, пречки поради природни настани итн.

Овие одбивања од „неначнатиот принос од трудот" се економска неопходност и нивната големина треба да се определи според постојните средства и сили, делум со веројатносно пресметнување, но тие на никој начин не можат да се искалкулираат од справедливоста.

Останува другиот дел од севкупниот производ, дел што е определен да служи како средство за потрошувачка.

Пред да дојде до индивидуална поделба, од него пак се одземаат:

Прво: општите трошоци во врска со управувањето што директно не се однесуваат на производството.

Овој дел веднаш значително ќе се намали во споредба со оној на сегашното општество и ќе се намалува во онаа мера во која се развива новото општество.

Второ: она што е наменето за заедничко задоволување на потребите - на училиштата, на здравствените установи итн.

Овој дел веднаш значително ќе порасне во споредба со оној од сегашното општество и ќе се наголемува во онаа мера во која се развива новото општество.

Трето: фондот за неспособните за работа итн. - накусо, за она што спаѓа во таканаречената официјална грижа за сиромаштијата.

Одвај сега доаѓаме до „распределбата" што програмата борнирано, под Ласаловото влијание, единствено ја има предвид, имено на делот од средствата за потрошувачка, кој се дели меѓу индивидуалните производители на колективот.

„Неначнатиот принос од трудот" незабележано веќе се претворил во „начнат", при се што производителот она што го губи како приватно лице го добива директно или индиректно како член на општеството.

Како што исчезна фразата за „неначнатиот принос од трудот", сега исчезнува и фразата „принос од трудот" воопшто.

Внатре во колективното, врз заедничка сопственост на средствата за производство заснованото општество, производителите не ги разменуваат своите производи; исто така ни трудот што е потрошен на производите не се појавува овдека како вредност на производите, како некое материјално својство што тие го поседуваат, зашто сега веќе, спротивно на она што имаме во капиталистичкото општество, индивидуалните трудови постојат не заобиколно, туку непосредно како составни делови на севкупниот труд. Изразот „принос од трудот", и ден-денеска поради својата двозначност, неупотреблив ја губи така својата смисла.

Овдека она со што имаме работа е комунистичко општество не онакво што се развило врз своја сопствена основа, туку обратно, какво што тоа излегува токму од капиталистичкото општество; значи, со комунистичко општество, кое во секој однос - економски, морален, духовен - ги носи, белезите на старото општество од чија утроба излегува. Сообразно со тоа, поединечниот производител - по одбивањата - го добива назад токму она што му го дава нему. Она што тој му го дал е неговиот индивидуален квантум на трудот. На пример, општествениот работен ден се состои од збирот на индивидуалните работни денови. Индивидуалното работно време на одделните производители е оној дел од општествениот работен ден што тој го дава, неговиот удел во него. Тој од општеството добива потврда дека тој дал толку и толку труд (по одбивањето од неговиот труд за заедничките фондови), и врз основа на оваа потврда зема од општествените залихи на средства за потрошувачка точно онолку колку што чини трудот. Истиот квантум труд што му го дал на општеството во една форма, го добива тој назад во друга форма.

Овдека очигледно владее истиот оној принцип што ја регулира размената на стоката, а имено тоа да биде размена на она што има еднаква вредност. Содржината и формата се променети, зашто во променетите околности никој не може да даде ништо освен својот труд, и бидејќи, од друга страна, ништо не може да премине во сопственост на одделни лица освен индивидуалните средства за потрошувачка.

Затоа овдека еднаквото право е сè уште според принципот на буржоаското право, при се што принципот и практиката не се повеќе фатени за коси, додека размената на еквиваленти при стоковната размена постои само во просек, а не во секој одделен случај.

И покрај овој чекор напред ова еднакво право сè уште има буржоаски граници. Правото на производителите е пропорционално на трудот што тие го даваат; еднаквоста се состои во тоа што мерењето се врши со еднакво мерило, трудот.

Но еден човек физички или духовно надвива друг, значи, дава за исто време повеќе труд и може да работи подолго време; а трудот, за да може да служи како мера, мора да биде определен според траењето и според интензитетот, инаку престанува да биде мерник. Ова еднакво право е нееднакво право за нееднаков труд. Тоа не признава никакви класни разлики, зашто секој е само работник како и друг; но тоа ја признава молкома нееднаквата индивидуална надареност и оттука и нееднаквата работна способност на работникот како природни привилегии. Затоа е тоа, според својата содржина, право на нееднаквоста, како и секое право. Правото може, според својата природа, да постои во применувањето на еднаков мерник; но нееднаквите индивидуи (и тие не ќе се различни индивидуи, кога не би биле нееднакви) можат да се мерат со еднаков мерник само доколку ги гледаме под еднаков агол, го земаме само од една определена страна, на пример, во дадениов случај, тие се разгледуваат само како работници; и во нив не гледаме ништо друго, ги апстрахираме од се друго. Понатаму: еден работник е оженет, друг не е; еден има повеќе деца отколку друг итн. итн. При еднакво работно постигање и, според тоа, при еднаков удел во општествениот фонд на потрошувачката едниот фактички ќе добие повеќе отколку другиот, едниот ќе е побогат од другиот итн. За да се избегнат сите овие незгоди, правото ќе мора да биде, наместо еднакво, напротив, нееднакво.

Но овие незгоди не можат да се избегнат во првата фаза на комунистичкото општество, какво што тоа одвај излегло од капиталистичкото општество по долги родилни маки. Правото не може никогаш да биде над економската структура и со неа условениот културен развиток на општеството.

Во една повисока фаза на комунистичкото општество, кога исчезнува ропската потчинетост на индивидуите на поделбата на трудот, а со неа и спротивноста меѓу умствениот и физичкиот труд; кога трудот станува не само средство за живот туку и прва животна потреба: кога со сестраниот развиток на индивидуата ќе пораснат и производните сили и кога сите извори на задружното богатство ќе потечат поизобилно - дури тогаш ќе биде можно сосема да се пречекори тесниот хоризонт на буржоаското општество и општеството ќе може на своето знаме да напише: Секој според своите способности, на секого според неговите потреби!

Поопстојно се задржав на „неначнатиот придонес од трудот", од една страна, и на „еднаквото право", со „праведната распределба", од друга страна, за да покажам колку голем грев се прави кога, од една страна, на нашата партија пак и се наложуваат како догми оние претстави што во определено време имале некоја смисла, но кои денес се станати застарени фрази, а од друга страна се искривува реалистичкото сфаќање, кое со толку мака се всади во партијата, но кое во неа веќе пушти длабоки корени - со идеолошки, правни и други бургии кои толку им одат на рака на демократите и на француските социјалисти.

Без оглед на она што се кажа досега, беше воопшто погрешно да се крева врева околу таканаречената распределба и на неа да се става главната нагласка.

Секоја распределба на средствата за потрошувачка е само последица на распределбата токму на условите за производство; но оваа последнава распределба е својство на самиот начин на производство. Капиталистичкиот начин на производство, на пример, почива врз тоа што материјалните услови за производство им се паѓаат на неработници во форма на сопственост на капиталот и сопственост на земјата, додека масата е само сопственик на личните услови за производство, на работната сила. Штом елементите на производството се така распределени, тогаш само од себе се добива денешнава распределба на средствата за потрошувачка. Штом материјалните услови за производство се задружна сопственост на самите работници, тогаш исто така се добива распределба на средствата за потрошувачка што се разликува од денешнава. Вулгарниот социјализам (а од него еден дел од демократијата) има наследено од буржоаските економисти дистрибуцијата да ја разгледува како независна од начинот на производство и поради тоа социјализмот да го претставува како тој главно да се врти околу дистрибуцијата. Откако вистинскиот однос е одамна разјаснет, зошто враќање назад?

 

4. „Ослободувањето на трудот мора да биде дело на работничката класа, наспрема која сите други класи се само една реакционерна маса".

Првата строфа е земена од уводните зборови на статутот на Интернационалата, само што е „поправена". Таму се вели: „Ослободувањето на работничката класа мора да биде дело на самите работници"; овдека, напротив, „работничката класа" треба да ослободи - што? „трудот". Нека разбере, кој може.

Но затоа, како надоместок, иде, напротив, антистрофата, ласаловски цитат од најчист вид: „наспрема која (работничката класа) сите други класи составуваат само една реакционерна маса."

Во „Комунистичкиот манифест" се вели: „Од сите класи што стојат денес наспрема буржоазијата само пролетаријатот е вистински револуционерна класа. Другите класи се разлагаат и пропаѓаат со крупната индустрија, пролетаријатот е нејзин сопствен производ".

Овдека буржоазијата е сфатена како револуционерна класа - како носителка на крупната индустрија -наспроти феудалците и средните сталежи, кои сакаат да ги задржат сите општествени позиции што се творби на застарените начини на производство. Тие, значи, не составуваат заедно со буржоазијата само една реакционерна маса.

Од друга страна, пролетаријатот е револуционерен во однос на буржоазијата, бидејќи тој, и самиот израснат врз почвата на крупната индустрија, се стреми на производството да му го одземе капиталистичкиот карактер, кој буржоазијата настојува да го овековечи. Но „Манифестот" додава дека „средните сталежи... стануваат револуционерни со оглед на својот претстоен премин во пролетаријатот".

Од ова гледиште, значи, пак е бесмислица да се каже дека тие, заедно со буржоазијата и згора на тоа уште и со феудалците, наспрема работничката класа „составуваат само една реакционерна маса".

Им се зборуваше ли на последните избори[1] на занаетчиите, ситните индустријалци итн. и на селаните: наспрема нас вие заедно со буржоазијата и со феудалците составувате само една реакционерна маса?

„Комунистичкиот манифест" Ласал го знаеше наизуст, како што ги знаат и неговите верници наизуст светите книги што ги напиша тој. Кога тој, значи, толку грубо го фалсификува него, тоа се случи само затоа да го разубави својот сојуз со апсолутистичките и феудалските противници на буржоазијата.

Во горниот параграф, згора на тоа, неговата мудра изрека е довлечкана за коси, без каква-годе врска со „дотераниот" цитат од статутот на Интернационалата. Овдека, значи, се работи просто за една безобѕирност, и тоа ни најмалку несвидна на господин Бизмарк, една од оние евтини недоделканости со кои оперира берлинскиот Марат[2].

 

5. „Работничката класа дејствува за своето ослободување пред се во рамките на денешната национална држава, свесна дека неопходен резултат на нејзиното настојување, кое им е заедничко на работниците од сите културни земји, ќе биде интернационалното братство на народите".

Ласал, наспроти „Комунистичкиот манифест" и сиот поранешен социјализам, го сфатил работничкото движење од најтесното национално гледиште. Него во тоа го следат, и тоа по дејствувањето потем на Интернационалата!

Се разбира сосема само од себе дека, за да се бори воопшто, работничката класа мора кај себе дома да се организира како класа, и нејзината земја да биде непосредно поприште на нејзината борба. Дотолку е нејзината класна борба, не по содржина, туку, како што го вели тоа „Комунистичкиот манифест", „по форма", национална. Но „рамките на денешната национална држава", на Германскиот Рајх, на пример, економски и самите се наоѓаат „во рамките на светскиот пазар", политички во рамките на „систем од држави". Секој што-годе добар трговец знае дека германската трговија е истовремено и надворешна трговија, и величината на господин Бизмарк се состои во неговиот  вид интернационална политика.

А на што германската работничка партија го редуцира својот интернационализам? На свеста дека резултат на нејзиното стремење „ќе биде интернационалното братство на народите" - фраза зајмена од буржоаскиот Сојуз за мир и слобода[3] треба да мине како еквивалент за интернационалното братство на работничката класа во заедничката борба против владејачките класи и нивните влади. За интернационалните функции на германската работничка класа, значи, ни збор! И тоа треба да биде двојно возвраќање на сопствената буржоазија, која против неа е веќе збратимена со буржоазијата од сите други земји, и на интернационалната заговорничка политика на господин Бизмарк!

На дело, интернационалното вјерују на програмата е уште бесконечно подолу од она на партијата на слободната трговија. И тaa тврди дека резултат на нејзиното стремење ќе било „Интернационалното збратимување на народите". Но таа и прави по нешто за да ја стори трговијата интернационална и никако не се задоволува со свеста сите народи да тераат трговија кај себе дома.

Интернационалната дејност на работничката класа никако не зависи од постоењето на „Интернационалното работничко здружение" [т.е. Првата интернационала]. Ова здружение беше само првиот обид за таа дејност да се создаде централен орган; обид кој со поттикот што го даде, остави траен резултат, но кој, во својата прва историска форма, по пропаста на Париската комуна повеќе не беше изводлив.

Бизмарковиот „Norddeutsche" беше наполно прав кога, на задоволство на својот господар, објави дека германската работничка партија во новата програма со клетва се откажа од интернационализмот[4].

 

 

 

II

 

„Поаѓајќи од овие принципи, германската работничка партија се стреми со сите законски средства кон слободна држава - и — социјалистичко општество; кон укинување на системот на наемнина со железниот закон на наемнината - и - на експлоатацијата во секој облик; кон отстранување на секаква социјална и политичка нееднаквост".

На „слободната држава" ќе се вратам подоцна.

Значи, во иднина германската работничка партија има да верува во Ласаловиот „железен закон на наемнината"! За тој да не се изгуби во неврат, се прави бесмислицата: се зборува за „укинување на наемниот систем" (ќе треба да значи: системот на наемниот труд) „со железниот закон на наемнината". Ако го укинам наемниот труд, тогаш, разбирливо, ги укинувам и неговите закони, сакало биле тие „железни" или сунѓерести. Но Ласаловото побивање на наемниот труд се врти речиси само околу овој таканаречен закон. Оттаму, за да докаже дека Ласаловата секта победила, „системот на наемнината" мора да се укине „со железниот закон на наемнината", а не без него.

Од „железниот закон на наемнината" на Ласал не му припаѓа, како што е познато, ништо освен зборот „железен" земен од Гетеовите „вечни, железни големи закони". Зборот железен е сигнатура со која се распознаваат правоверните. Но ако го земам законот со Ласаловиот печат и поради тоа во неговата смисла, тогаш морам да го земам со неговото обосновување. А што е тоа? Како што Ланге, наскоро по смртта на Ласал, покажа: Малтусовата теорија на населението[5]. Ако е пак оваа точна, тогаш јас законот не можам да го укинам макар стопати го укинувал наемниот труд, зашто тогаш законот владее не само со системот на наемниот труд, туку со секој општествен систем. Токму потпирајќи се врз оваа теорија, економистите веќе педесет и повеќе години докажуваат дека социјализмот не може да ја укине бедата што е заснована врз природата, туку само да ја поопшти, истовремено да ја распредели по сета површина на општеството!

Но сето тоа не е она главното. Сосема без оглед Ласаловото погрешно разбирање на овој закон, чекорот назад што навистина возмутува се состои во ова:

Од смртта на Ласал во нашата партија си проби пат научниот поглед дека наемнината не е она што таа се чини дека е, имено вредност, односно цена на трудот, туку само една маскирачка форма за вредноста, односно цената на работната сила. Со тоа сето дотогашно буржоаско сфаќање за наемнината, како и сета дотогашна критика на тоа сфаќање, беше еднаш за секогаш фрлено на ѓубриште и беше јасно утврдено дека наемниот работник има само дозвола да работи за својот сопствен живот, т.е. да живее доколку тој извесно време работи бесплатно за капиталистот (оттука и за неговите придружни лапачи на вишокот на вредноста); дека сиот капиталистички систем на производство се врти околу тоа овој бесплатен труд да го продолжи со продолжувањето на работниот ден или со развивање на производните сили, со поголемо напрегање на работната сила итн.; дека, значи, системот на наемниот труд е систем на ропство, и тоа на ропство што станува дотолку помачно доколку повеќе се развиваат општествените производни сили на трудот, без оглед на тоа дали работникот добива подобра или полоша плата. И откако ова гледиште се повеќе и повеќе си проби пат во нашата партија, се трга назад кон Ласаловите догми, иако сега би морало да се знае дека Ласал не знаеше што е наемнина, туку, следејќи ги буржоаските економисти, привидот го зеде за суштина на работата.

Тоа е како кога меѓу робовите, кои најпосле продреа во тајната на ропството и дигнаа бунт, секој роб што е уште во плен на застарените претстави би напишал во програмата на бунтот: ропството мора да биде укинато, бидејќи прехранувањето на робовите во системот на ропството не може да надмине определен низок максимум!

Зарем самиот факт што претставниците на нашата партија беа способни да извршат толку чудовишен атентат врз погледот што е проширен во партиската маса не докажува со каква <криминална> лекомисленост, <со каква бессовесност> влегоа тие во составувањето на компромисната програма!

Наместо неопределената заклучна реченица на параграфот „отстранувањето на секоја социјална и политичка нееднаквост", требаше да се каже дека со уништувањето на класните разлики исчезнува сама од себе и секоја социјална и политичка нееднаквост што од нив произлегува.

 

 

III

 

„За да му се пробие пат на решението на социјалното прашање, германската работничка партија бара создавање на производствени задруги со државна помош под демократска контрола на работниот народ. Производствените задруги треба да бидат создадени во таков обем во индустријата и земјоделството што од нив да настане социјалистичка организација на севкупниот труд."

По Ласаловиот „железен закон на наемнината" – спасоносно средство на пророкот! „Патот се пробива" на достоен начин. На местото на постојната класна борба стапува фразата на весникарски пишувачи - „социјално прашање", на чие „решение" му се „пробива пат". На местото на процесот на револуционерна преобразба на општеството - „социјалистичка организација на севкупниот труд", која „настанува" од „државна помош" што државата им ја дава на производствените задруги, кои ги „создава" таа, а не работникот. Ова е достојно на Ласаловата вообразба дека со државни заеми може да се гради новото општество исто онака како и железничката пруга!

Поради < малкуто останат срам > „државната помош" се става - „под демократска контрола на работниот народ".

Прво, „работниот народ" во Германија во мнозинството се состои од селани, а не од пролетери.

Второ, на германски „демократски" ќе биде „народовластен". А што значи „народовласна контрола на работниот народ"? И тоа токму кај еден работен народ кој, со ова барање што и го поставува на државата, ја изразува својата полна свест за тоа дека ниту е на власт ниту е зрел за власт!

Излишно е овдека да се навлегува во критика на рецептот кој за време на Луј Филип го пропиша Бише, спротивно на француските социјалисти, и кој го прифатија реакционерните работници на „Atelier"[6]. Главниот камен на сопнување не е во тоа што оваа специфична волшебна кура е запишана во програмата, туку што воопшто од гледиштето на класното движење се оди назад на гледиштето на секташкото движење.

Дека работниците сакаат да создадат услови за колективно производство во социјални и пред се во национални размери кај себе значи само тоа дека тие работат на превратот во сегашните услови на производството, и нема ништо општо со основањето на кооперативни здруженија со државна помош. За сегашните кооперативни здруженија пак, тие имаат вредност само доколку се независни творби на работниците, непротежирани ни од владата ни од буржуите.

 

 

 

IV

 

Сега преоѓам на одделот за демократијата.

 

А. „Слободната основа на државата".

-

Најпрво, според II оддел, германската работничка партија цели „слободна држава".

Слободна држава - што е тоа?

Целта на работниците што се откачиле од ограничениот поданички начин на размислување никако не е државата да ја сторат слободна. Во Германскиот Рајх „државата" е речиси толку „слободна" колку и во Русија. Слободата се состои во тоа државата од орган што му е надреден на општеството да се претвори во орган што му е наполно подреден; и денес државните форми се послободни или понеслободни според тоа колку ја ограничуваат тие „слободната држава".

Германската работничка партија - барем доколку ја усвојува програмата - покажува дека социјалистичките идеи не и се толку длабоко всадени; наместо постојното општество (а тоа се однесува и на секое идно) да го третира како основа на постојната држава (или идната држава за идното општество), таа, поскоро, ја третира државата како некое самостојно суштество, кое поседува своја сопствена „духовна, морална, слободна основа".

А колку е, пак, опачна злоупотребата која програмата ја прави со изразите „денешна држава", „денешно општество", и колку е уште поопачно нејзиното неразбирање што го создава за државата кога своите барања и’ ги насочува нејзе.

„Денешното општество“ е капиталистичко општество, кое постои во сите културни земји, повеќе или помалку слободно од средновековните примеси, повеќе или помалку модифицирано од посебниот историски развиток на секоја земја, повеќе или помалку развиено. Наспроти тоа, „денешната држава“ се менува со секоја државна граница. Таа е поинаква во Пруско-германскиот рајх отколку во Швајцарија, поинаква е во Англија отколку во Соединетите Држави. „Денешната држава“, значи, е фикција.

Сепак, и покрај шаренилото на своите форми, различните држави на различните културни земји го имаат заедничко тоа што стојат врз почвата на модерното буржоаско општество, само на буржоаско општество посилно или послабо капиталистички развиено. Тие поради тоа имаат извесни заеднички суштествени белези. Во оваа смисла може да се зборува за „денешната државност", спротивно на идната, во која нејзиниот сегашен корен, буржоаското општество, ќе одумре.

Тогаш се поставува прашањето: на каква преобразба ќе се подложи државноста во едно комунистичко општество? Со други зборови, кои општествени функции, аналогни на сегашните државни функции, ќе преостанат во него? На ова прашање може да се одговори само научно, и ни со илјадници наши комбинации со зборот народ и зборот држава, нема да му се приближиме на проблемот ни за едно влакно од косата.

Меѓу капиталистичкото и комунистичкото општество лежи период на револуционерна преобразба на првото во второто. Нему му соодветствува и политички преоден период, чија држава не може да биде ништо друго освен револуционерна диктатура на пролетаријатот.

Програмата пак нема работа ни со оваа последнава државност, ни со идната државност на комунистичкото општество.

Нејзините политички барања не содржат ништо освен на сиот свет познатата демократска литанија: општо право на глас, директно законодавство, народно право, милиција итн. Тие се напросто ехо на буржоаската Народна партија, на Сојузот за мир и слобода. Тие се единствено барања кои, доколку не се протерани во фантастичната претстава, се веќе реализирани. Само што државата на која тие и припаѓаат, не се наоѓа внатре во германските државни граници, туку во Швајцарија, во Соединетите Држави итн. „Државата на иднината" од овој вид е денешната држава, при се што таа постои надвор „од рамките" на Германскиот Рајх.

Но, се заборавило едно. Бидејќи германската работничка класа категорички изјавува дека се движи внатре во „денешната национална држава", значи, во својата држава, на прускогерманскиот Рајх - инаку нејзините барања во најголемиот дел ќе беа бесмислени, зашто човек бара само она што уште го нема - таа не би смеела да ја заборави главната работа, дека сите тие убави работнички почиваат врз признавањето на таканаречениот народен суверенитет, дека се затоа само во демократска република на свое место.

Бидејќи се нема смелост - и тоа е мудро зашто приликите бараат претпазливост - да се бара демократска република, како што тоа го правеа француските работнички програми под Луј Филип и под Луј Наполеон - не требало да се прибегнува кон изговорот, <кој не е ни „чесен", ни достоен>, нешта кои имаат смисла само во демократска република да се бараат од една држава што не е ништо друго освен со парламентарни форми опшиен, со феудална додавка измешан, од буржоазијата веќе повлијан, бирократски изделкан, полициски варден воен деспотизам, <и згора на тоа да се уверува свечено дека такво нешто се вообразувало да се изнуди од неа со „законски средства"!>

Дури и вулгарната демократија, која во демократската република го гледа илјадагодишното царство и која си нема ни абер дека токму во оваа последна државна форма на буржоаското општество класната борба ќе си избори дефинитивна победа - дури и таа стои како планински врв над овој вид демократизам во границите на политички допуштеното и логички недопуштеното.

Дека под „држава" се подразбира всушност, државна машина или држава доколку таа поради поделбата на трудот претставува од државата одвоен, сопствен организам, покажуваат веќе зборовите: „германската работничка држава бара како стопанска основа на државата: еден единствен прогресивен данок на доход итн." Даноците се стопанска основа на државната машинерија и ништо друго. Во државата на иднината која постои во Швајцарија ова барање е прилично исполнето. Данокот на доход претпоставува различни извори на доход на различни општествени класи, значи, капиталистичко општество. Значи, не е ни најмалку случајно што ливерпулските финансиски реформисти - буржуи со Гледстоновиот брат на чело - го поставуваат истото барање како и програмата.

 

 

Б. „Германската работничка партија бара како духовна и морална основа на државата:

 

1. Општо и еднакво народно воспитание од страна на државата. Општо и обврзно одење на училиште. Бесплатна настава".

Еднакво народно воспитание? Што се вообразува под овие зборови? Се мисли ли дека во денешното општество (а човек има работа само со такво) воспитанието може да биде еднакво за сите класи? Или се бара и вишите класи да бидат принудно редуцирани на скромен обем воспитание - народните училишта - кое е единствено усогласено со економските состојби не само на работниците, туку и на селаните?

„Општо и обврзно одење на училиште. Бесплатна настава". Првото постои дури и во Германија, второто во Швајцарија и во Соединетите Држави за народните училишта. Ако во некои држави на Соединетите Држави и „вишите" наставни установи се „бесплатни", тогаш тоа фактички значи само дека вишите класи ги поднесуваат трошоците на своето воспитание од општата даночна кесичка. Патем речено, истото тоа важи и за „бесплатното правосудство", кое се бара под А. 5. Кривичното правосудство е насекаде бесплатно; граѓанското правосудство се врти речиси исклучително околу споровите за сопственост, значи, ги засега речиси само имашливите класи. Треба ли тие своите процеси да ги водат на сметка на народното кесе?

Параграфот за училиштата би требало да бара технички училишта (теоретски и практички) во врска со народното училиште.

Сосема за отфрлање е „народното воспитание од страна на државата". Да се одредуваат со општ закон средства за народните училишта, за квалификацијата на учителскиот персонал, за гранките на наставата итн., и, како што е случајот во Соединетите Држави, да се надгледува исполнувањето на овие законски прописи од инспектори, е нешто сосема подруго, одошто државата да се именува за воспитувач на народот! Поскоро, владата и црквата треба еднакво да бидат исклучени од секое влијание врз училиштето, Во прускогерманскиот Рајх (а не помага расипаниот изговор дека збор станува за „држава на иднината"; видовме каква е работата со тоа) државата има потреба од едно мошне сурово воспитание од страна на народот.

Та целата програма, и покрај сиот демократски ѕвекот, е очумавена од крај до крај со поданичката вера на Ласаловата секта во државата или, кое не е ништо подобро, со вера во демократски чуда, или е поскоро компромис меѓу овие два вида вери во чуда што се исто оддалечени од социјализмот.

„Слобода на науката"! гласи еден параграф на прускиот устав. Што ќе му е, пак, овде?

„Слобода на совеста"! Ако се сакало со тоа, во ова време на „kulturkampf"[7], на либерализмот да му се ставаат при срце неговите стари пароли, тогаш тоа можело да се стори само во оваа форма: секој мора да има можност да ја врши својата верска како и својата телесна нужда, без полицијата во тоа да си го пика носот. Но работничката партија морала при оваа згода сепак да ја изрази својата свест за тоа дека буржоаската „слобода на совеста" не е ништо друго освен поднесување на сите можни видови верска слобода на совеста, а дека таа, поскоро, се стреми да ја ослободи совеста од верските сеништа. Меѓутоа, не се сака да се пречекори „буржоаското" ниво.

Сега сум дојден до крајот, бидејќи она што веќе во програмата следи како додаток не спаѓа во нејзиниот карактеристичен составен дел. Поради тоа овдека можам да се искажам сосема накусо.

 

2. Нормален работен ден.

Во ниедна друга земја работничката партија не се ограничува на толку неопределено барање, туку секогаш ја фиксира должината на работниот ден што таа во дадените прилики ја смета за нормална.

 

3. „Ограничување на женскиот труд и забрана на детскиот труд".

Нормирањето на работниот ден мора веќе да го вклучува ограничувањето на женскиот труд доколку тоа се однесува на траењето, паузите итн. на работниот ден; инаку тоа може да значи само исклучување на женскиот труд од оние гранки на трудот што се специјално штетни за здравјето на женскиот организам или кај женскиот пол се противни на моралот. Ако се мислело тоа, требало да се каже.

„Забрана на детскиот труд"! Овдека било апсолутно потребно да се наведе возрасната граница.

Општата забрана на детскиот труд е неодржлива при постоењето на крупната индустрија и поради тоа е празна побожна желба. Нејзиното спроведување - кога би било можно - ќе биде реакционерно, зашто при строгото регулирање на работното време според различната возраст и при другите мерки на претпазливост за заштитата на децата, раното поврзување на продуктивниот труд со наставата е едно од најмоќните средства за преобразба на денешното општество.

 

4. Државен надзор на фабричката, занаетчиската и домашната индустрија.

Наспрема прускогерманската држава требало определено да се бара инспекторите да можат да се сменуваат само судски; секој работник да ги повикува на суд поради повредување на должноста; тие да мора да му припаѓаат на лекарскиот сталеж.

 

5. „Регулирање на затворничкиот труд".

Ситничаво барање во една општа работничка програма. Во секој случај, морало јасно да се каже дека, од божем конкурентска завист, работниците не сакаат со обичните криминалци да се постапува како со добиток и не сакаат пред се да им се одземе нивното единствено средство за здобрување - продуктивниот труд. Та тоа е минимумот што можел да се очекува од социјалистите.

 

6. „Делотворен закон за одговорноста".

Требало да се каже што се разбира под „делотворен" закон за одговорноста.

Патем забележано: кај нормалниот работен ден се превидел оној дел од фабричкото законодавство што се однесува до здравствените мерки и мерките за заштита од опасностите итн. Законот за одговорноста стапува во дејство штом ќе бидат овие прописи повредени.

Накусо и додатокот се одликува со немарна редакција.

 

Dixi et salvavi animam meam[8].

 

 

_____


Забелешки на преведувачот

 

[1] Се имаат предвид изборите на Рајхстагот што се одржани во јануари 1874 година.

 

[2] Се подразбира иронично Хаселман, главниот уредник на „Neuer Sozialdemokrat", централен орган на ласаловците.

 

[3] Меѓународна лига за мир и слобода - организација на граѓански пацифисти, основана во 1867 во Женева од Виктор Иго, Ѓузепе Гарибалди и др. Од 1867 до 1868 година во работата на Лигата зел учество и Бакунин. Отпрво Лигата се обидувала, под влијание на Бакунин, да ја искористи Интернационалата за свои цели.

 

[4] Бизмарковиот „Norddeutsche" - „Norddeutsche Allgemeine Zeitnung" - („Северно-германски општ весник") - дневник кој излегуваше во Берлин од 1861 до 1918; во шеесеттите до осумдесеттите години официјален орган на владата на Бизмарк. Маркс ја има предвид уводната статија во овој весник, од 20 март 1875, во која се пишувало за нацртот нa социјалдемократската програма. Во неа по повод точката 5 на нацртот се вели: „Социјалдемократската агитација во многу нешто стана попретпазлива: таа се откажува од Интернационалата...".

 

[5] Freidrich Albert Lange, „Die Arbeiterfrage in ihrer Bedeutung für Gegenwart und Zukunft, Duisburg, 1865.

 

[6] „Atelier" - („Работилница") - списание на работници кое од 1840 до 1848 излегувало во Париз и било под влијание на католичкиот социјализам на Бише.

 

[7] „Kulturkampf” - „борба за култура" што Бизмарк ја водеше во седумдесеттите години од XIX век против германската католичка партија (од политичкиот центар) со полициски прогони на католиците.

 

[8] Реков и си ја спасив душата cвoja.


 

 

 

 

 

Фридрих Енгелс

ПИСМО ДО БЕБЕЛ[1]

 


Лондон, 18-28 март 1875

 

Драги Бебел!

 

Го примив Вашето писмо од 23 февруари и се радувам што Ви оди толку добро со здравјето.

Ме прашувате што мислиме ние за историјата на обединувањето? За жал, ни се случи сосема истото како и Вам. Ниту Либкнехта ниту некој друг барем нешто да не известил, та за тоа и ние го знаеме само она што го има во весниците, а во нив немаше ништо сè додека пред седум-осум дена не дојде нацртот на програмата. Таа, секако, не малку нè вчудовиде.

Нашата партија толку пати на ласаловците им подаваше рака на помирување или барем на спогодба и толкупати толку презриво ја одбиваа Хазенклеверовци, Хаселмановци и Телкеовци што од тоа секое дете можеше да извлече заклучок: ако овие господа сега доаѓаат и нудат помирување, тогаш морало да се во ѓаволска стиска. Познавајќи го добро карактерот на овие луѓе, наша должност е оваа стиска да ја искористиме за да ги издејствуваме сите можни гаранции за истите тие на сметка на нашата партија повторно да не ја зацврстат својата разнишана положба во работничкото јавно мислење. Требало да се прифатат тие крајно студено и со недоверба, обединувањето да се обусловува од степенот на нивната готовност да ги отфрлат своите секташки пароли и својата државна помош, а во она суштественото да ја прифатат Ајзенашката програма од 1869[2] или едно со денешното време сообразено, поправено нејзино издание. Нашата партија во теоретски поглед, значи, во она што е за една програма решавачко, од ласаловците нема апсолутно ништо да научи, а пак тие уште како имаа од неа; прв услов на обединувањето требаше да е тие да престанат да бидат секташи, ласаловци, значи, пред се да се откажат од панацејата на државната помош ако не и наполно, тогаш барем да ја признаат како подредена мерка меѓу и покрај многуте можни други мерки. Нацртот на програмата докажува дека нашите луѓе теоретски исто толку ги надвишуваат ласаловските водачи, а пак во политичката итроштина исто толку им се понедораснати; нечесните уште еднаш на суво ги насукаа „чесните".

Прво, се зема громогласната, но историски погрешната Ласалова фраза: наспроти работничката класа сите други класи биле само една реакционерна маса. Оваа поставка е вистинска само во одделни исклучителни случаи, на пример, во револуција на пролетаријатот, каква што беше Комуната, или во земја во која не само што буржоазијата ја обликувала државата и општеството според својата лика и прилика, туку веќе по неа после и демократската ситна буржоазија ја спровела оваа преобразба до своите крајни консеквенции. Ако, на пример, во Германија демократската ситна буржоазија и припаѓа на оваа реакционерна маса, како можеше Социјалдемократската работничка партија со години со оваа, со Народната партија, да оди рака под рака? Како може „Volksstaat"[3] речиси сета своја политичка содржина да ја зема од „Frankfurter Zeitung"[4]? И како е можно во оваа истава програма да се земат ништо помалку од седум барања кои директно и буквално се согласуваат со програмата на Народната партија и со ситнобуржоаската демократија? Мислам на седумте политички барања од 1 до 5 и од 1 до 2[5] од кои ни едно единствено да не е буржоаско-демократско.

Второ, принципот на интернационалноста на работничкото движење за денешнината практично наполно се негира, и тоа од луѓе кои цели пет години и под најтешки околности овој принцип го држеа високо најславно. Челното место на германските работници во европското движење суштински се засновува врз нивното навистина интернационално држење во време на војната; ни еден друг пролетаријат не би се држел толку добро. А сега треба да го негираат овој принцип во моментот кога работниците насекаде во странство го нагласуваат во истата онаа мерка во која владите се стремат да задушат секаков обид за негово остварување во некоја организација! Што пак останува од интернационализмот на работничкото движење? Бледа перспектива, и тоа не на една подоцнежна соработка на европските работници за своето ослободување - не, туку едно идно „интернационално братство на народите", „соединети држави" на господата буржуи од Сојузот за мир!

Не беше, бездруго, потребно да се зборува за Интернационалата како таква. Но она најмалкуто, што сепак требаше, беше да не се направи ниту чекор назад во однос на програмата од 1869 и горе-долу да се каже: При сè што германската работничка партија дејствува внатре во поставените и државни граници (таа нема право да зборува од името на европскиот пролетаријат, особено нема право да каже нешто погрешно), таа е свесна за својата солидарност со работниците од сите земји и секогаш ќе биде подготвена да ги исполнува и понатаму, како и досега, обврските што оваа солидарност ги налага. Овие обврски постојат и без оглед на тоа дали таа себеси се прокламира или се смета како дел од „Интернационалата", на пример, помош, задржување, привлекување други работници при штрајк, грижа за тоа партиските органи да ги известуваат германските работници за движењето во странство, агитација против династичките војни што се закануваат или избувнуваат, тактика за време на овие војни како онаа од 1870 и 1871 итн.

Трето, нашите луѓе допуштија да им се наметне Ласаловиот „железен закон на наемнината", кој се основува врз наполно застареното економско гледиште, имено дека работникот добива само минимум од наемнината, и тоа зашто според Малтусовата теорија на населението имало секогаш отповеќе работници (ова беше Ласаловата аргументација). Меѓутоа, Маркс во „Капиталот" исцрпно докажа дека законите што ја регулираат наемнината се мошне комплицирани, дека, според приликите, претегнува ту едниот, ту другиот, дека тие, значи, никако не се железни, туку, напротив, мошне еластични и дека работата не може да се заврши со неколку збора како што си вообразува Ласал. Малтусовското обосновување на законот кој Ласал го препиша од Малтус и од Рикардо (фалсификувајќи го последниов), какво што се наоѓа, земено од една друга Ласалова брошура[6], на пример, на страна 5 од „Работничка читанка", е исцрпно побиено од Маркс во одделот за „процесот на акумулацијата на капиталот". Со адаптирањето на Ласаловиот „железен закон" се признава, значи, една погрешна поставка и едно погрешно обосновување.

Четврто, програмата ја поставува како единствено социјално барање - ласаловската државна помош во нејзиниот гол облик, каква што Ласал ја украде од Бише. И тоа откако Браке мошне добро ја докажа сета ништовност на ова барање[7], откако речиси сите, ако не и сите, говорници на нашата партија во борбата против ласаловците беа принудени да истапат против оваа државна помош! Нашата партија не можеше подлабоко да се понижи! Интернационализам што се ничкосал до Арманд Гег[8], социјализам што се ничкосал до буржоаскиот републиканец Бише, кој го постави ова барање против социјалистите за да ги уништи!

Меѓутоа, „државната помош" во Ласалова смисла е сепак само една единствена меѓу многуте други за да се достигне целта што е во програмата изразена со неубедливите зборови: „за да се пробие патот на нерешеното социјално прашање": како за нас да постоело некое теоретски уште нерешено социјално прашање! Кога, значи, ќе се каже: германската работничка партија се стреми кон укинување на наемниот труд и со тоа на класните разлики со посредство на колективното производство во индустријата и земјоделството и во национални размери, таа се застапува за секоја мерка што е погодна за постигање на оваа цел! - тогаш ниеден ласаловец не може да има ништо против.

Петто, за организацијата на работничката класа како класа со посредство на синдикатите ниту збор. А тоа е една мошне суштествена точка, зашто тоа е сопствена класна организација на пролетаријатот, во која тој ги води своите секојдневни борби против капиталот, во која се школува и која денес дури и најлошата реакција (како сега во Париз) просто напросто не може повеќе да ја разбие. Со оглед на важноста што оваа организација ја добива и во Германија, ќе е, по наше мислење, безусловно потребно во програмата да се припомни и да се остави, по можност, отворено место во организацијата на партијата.

Сето тоа го сторија нашите луѓе за да им се допаднат на ласаловците. А што направија овие за вратка? Во програмата да фигурираат еден куп прилично збркани чисто демократски барања, од кои многу се чисто моден привид, како, на пример, „законодавството од страна на народот", кое постои во Швајцарија и кое носи повеќе штета отколку корист, ако воопшто нешто носи. „Управување од страна на народот" - тоа сепак ќе е нешто. Исто така недостасува првиот услов на секоја слобода: сите чиновници за сите свои службени дејства во однос на секој граѓанин да се одговорни пред редовните судови и според општото право. За тоа дека барањата како: слобода на науката, слобода на совеста - фигурираат во секоја либерална буржоаска програма и дека овдека се чинат некако чудни - за тоа понатаму не сакам да зборувам.

Слободната народна држава е претворена во слободна држава. Граматички земено, слободна држава е онаа држава што е слободна во однос на своите граѓани, т.е. држава со деспотска влада. Ќе треба да се отфрли сето тоа дрдорење за државата, особено по Комуната, која веќе не беше држава во вистинска смисла. Со „народната држава" анархистите веќе донемајкаде ни ги бодеа очите, иако уште Марксовиот спис против Прудон[9] а потоа „Комунистичкиот манифест" говорат направо дека со воведувањето на социјалистичкиот општествен поредок државата сама од себе се распаѓа и исчезнува. А бидејќи државата е сепак само една преодна институција со која, треба да се служиме во борбата, во револуцијата, за да ги задушиме со сила своите противници, чиста бесмислица е да се говори за народна држава: додека пролетаријатот уште ја употребува државата, тој ја употребува неа не во интерес на слободата, туку за задушување на своите противници, а штом ќе може да стане збор за слобода, тогаш државата како таква престанува да постои. Ние затоа би предложиле наместо „држава" да се стави насекаде „Gemeinwesen", („општина"), добар стар германски збор, кој може мошне добро да го застапува францускиот збор „kоmmune".

„Отстранување на секоја социјална и политичка нееднаквост" - е исто така мошне сомнителна фраза, наместо: „укинување на сите класни разлики". Од земја до земја, од покраина до покраина, дури од место до место секогаш ќе постои извесна нееднаквост на животните услови, која може да се редуцира на минимум, но која никогаш наполно не може да се отстрани. Жителите на Алпите секогаш ќе имаат поинакви животни услови од луѓето на рамнината. Претставата на социјалистичкото општество како царство на еднаквоста е еднострана француска претстава, која се потпира врз старата „слобода, еднаквост, братство", претстава која, како развојна етапа, за своето време и своето место е оправдана, сега треба да биде надмината, зашто внесува само збрка во главите и зашто се најдени прецизни начини на излагање на работата.

Јас прекратувам, иако речиси секој збор во ова, покрај другото, суво и омаломоштено редигирана програма би можел да се критикува. Таа е таква што Маркс и јас, при случај да се усвои, никогаш не ќе можеме да се искажеме за новата партија изградена врз ваквата основа и ќе сме приморани мошне сериозно да се позамислиме за тоа каков став мораме - и јавно - да земеме спрема неа. Поразмислете дека во странство нас не прават одговорни за сите изјави и постапки на германската социјалдемократска работничка партија. Така прави Бакунин во својот спис „Политиката и анархијата" според кој ние требало да стоиме зад секој непромислен збор што го рекол или напишал Либкнехт по основањето на „Demokratischen Wochenblat"[10]. Луѓето лесно си вообразуваат дека ние одовде командуваме со целата работа, додека Вие знаете, толку добро колку и јас, дека ние речиси никогаш ни најмалку не сме се мешале во внатрешните работи на партијата; и сме се мешале само за по можност да ги исправиме промашувањата што, по наше мислење, беа сторени и тоа само теоретските. Но, Вие самите ќе видите дека оваа програма претставува пресвртница која лесно можеше да не присили да отфрлиме секаква одговорност за партијата што ја признава.

Воопшто, официјалната програма на една партија доаѓа помалку предвид отколку она што таа го прави. Но сепак една нова програма е секогаш јавно развеано знаме, и надворешниот свет според него ќе суди за партијата. Затоа таа не би смеела да остане за чекор назад како што е случајот со оваа програма во однос на Ајзенашката. Треба да се мисли и за тоа што ќе речат за неа работниците од другите земји; каков впечаток ќе направи ова потклекнување на севкупниот германски социјалистички пролетаријат пред ласаловството.

Притоа сум убеден дека едно обединување врз оваа база нема да трае ни една година. Зарем најдобрите глави на нашата партија ќе се согласат со тоа да ги дрнкаат наизуст научените Ласалови фрази за железниот закон на наемнината и за државната помош? Ми се сака, на пример, Вас да Ве видам во таква улога! А ако тоа тие го сторат, нивните слушачи ќе ги иссвиркаат. Сигурен сум пак дека ласаловците инсистираат токму на овие делови од програмата, како Евреинот Шејлок на својата фунта месо. Расцепот ќе дојде; но ние Хаселман, Хазенклевер, Телке и ним придружените пак ќе ги „сториме чесни"; од расцепот ние ќе излеземе послаби, а ласаловците посилни; нашата партија ќе си ја загуби својата политичка девственост и нема никогаш повеќе да може смело да истапи против ласаловските фрази, кои во извесен временски отсек самата ги пишувала на знамето; и кога ласаловците тогаш пак ќе зборуваат дека тие биле вистинска и единствена работничка партија, а нашите луѓе биле буржуи, тогаш програмата ќе биде доказ за тоа. Сите социјалистички мерки во програмата се нивни, а нашата партија нема внесено во неа ништо друго освен барањата на ситнобуржоаската демократија, која пак и неа во истата програма ја означи како дел од „реакционерната маса".

Писмово го оставив неиспратено, зашто Вие ќе излезете на слобода дури на 1 април во чест на Бизмарковиот роденден, и затоа не сакав да го изложам на опасноста да биде фатено при скришното доставување. И еве тукушто пристигна писмо од Браке, и кај него има тешки сомневања поради програмата и сака да го разбере нашето мислење. Затоа писмово му го испраќам нему за да Ви го препрати и за да може да го прочита, и сиот овој крпеж да не морам да го пишувам уште еднаш. Впрочем, и на Рам јас му кажав колку пари чини виното, а на Либкнехт му пишав само накусо. Не му простувам што за целата работа не нè извести ни збор (додека Рам) и другите веруваа дека тој точно не известил) се додека, така да се каже, беше доцна. Навистина, тој така правеше секогаш - и отаде многуте непријатни преписки кои ние, Маркс и јас, ги имавме со него - но сега сепак ја претера мерата и ние решително не сакаме да одиме со него.

Гледајте да ја наредите работата налето да дојдете ваму. Ќе престојувате, се разбира, кај мене, и, ако биде времето убаво, ќе можеме да појдеме неколку дена на море на капење, што Вам многу ќе Ви користи по долгото лежење под сенка.


Пријателски поздрав


од Вашиот Ф. Е.

 

Маркс тукушто се исели, тој живее во Лондон 41, Maitland Park Crescent, N. W.

 

 

_________


Забелешки на преведувачот

 

[1] Писмото на Енгелс до Бебел од 18/28 март според својата содржина непосредно се надоврзува на Марксовата „Критика на Готската програма". Тоа го изразува гледиштето на Маркс и Енгелс за обединувањето на обете германски работнички партии планирано за мај 1875, имено на ајзенаховците и ласаловците. Непосреден повод за ова писмо беше на 7 март 1875 година објавената нацрт програма на идната обединета работничка партија на Германија во весниците „Der Volksstaat" (орган на ајзенаховците) и „Neuer Social-Demokrat" (орган на ласаловците). Овој нацрт кој содржеше низа политички погрешни научно неиздржани тези и отстапки на ласаловците, беше со незначителни промени усвоен на конгресот на обединувањето во Гота (22-27 мај 1875) и подоцна познат под името Готска програма. Маркс и Енгелс го поздравија обединувањето на обете работнички партии. Сепак тие изразија мислење дека едно здраво и трајно обединување може да биде постигнато само врз принципиелна основа, без отстапки на ласаловството. Во писмото до Бебел, што му беше наменето на раководството на ајзенаховците, Енгелс во оваа смисла прави критика на нацртот на Готската програма. Писмото беше објавено од Бебел дури по 36 години, во неговото дело „Од мојот живот", 2 дел. Штутгарт 1911.

 

[2] Ајзенашката програма од 1869 (програма и статут на социјалдемократската работничка партија) - усвоена на општиот германски работнички конгрес одржан во Ајзенах (7-9 август 1869). На овој конгрес, на кој учествуваа и застапниците на различни германски работнички здруженија од Австрија и Швајцарија, беше основана Социјалдемократската работничка партија. Со тоа германската работничка класа се здоби со сопствена револуционерна партија која се потпираше врз научниот социјализам. Во борбата со опортунизмот на Ласаловата партија се потпираше на препораките од Маркс и Енгелс. Лидерите и членовите на оваа партија беа наречени ајзенаховци.

 

[3] “Der Volksstaat" („Народна држава") - централен орган на Социјалдемократската работничка партија (ајзенаховци): излегувал од 1869 до 1879 година во Лајпциг. Уредник бил В. Либкнехт.

 

[4] “Frankfurter Zeitung" („Франкфуртски весник") - излегувал од 1856 до 1943 во Франкфурт на Мајна. Влијателен граѓански весник што го основал и со години го раководел Л. Зонеман. Околу 1875 бил опозициски орган на јужно-германската ситнобуржоаска демократија. Во однос на работничкото прашање бил на социјал-реформистичка позиција.

 

[5] Седумте политички барања - од нацртот нa Готската програма што се имаат предвид се:

 

„Германската работничка партија бара како слободна основа на државата:

 

1. општо еднакво, непосредно и тајно избирачко право на сите машки лица на возраст од 21 година за сите избори на државата и општините.

 

2. Директно законодавство од страна на народот со право на предлагање и отфрлање.

 

3.  Општа оспособеност за одбрана. Милиција на местото на постојаната војска. Решавање за војна и мир од народното претставништво.

 

4. Укинување на сите исклучителни закони, особено на законот за печатот, здружувањето и собирите.

 

5. Изрекување на правдата од страна на народот. Бесплатно правосудство.

 

Германската работничка партија бара како духовна и морална основа на државата:

 

1. Општо и еднакво народно воспитание од страна на државата. Општо и задолжително одење на училиште. Бесплатна настава.

 

2. Слобода на науката. Слобода на совеста.

 

[6] Ferdinand Lassalle, "Offnes Antwortschreiben an das Central-Comite zur Berufung eines Allgemeinen Deutschen Arbeitercongresses zu Leipzig", Zürich 1863.

 

[7] Wilhelm Bracke, "Lassalle'sche Vorschlag", Braunschweig, 1873.

 

[8] Еден оd водачите на „Лигата за мир и слобода".

 

[9] Предвид се има „Беда на филозофијата".

 

[10] "Demokratisches Wochenblatt" („Демократски месечен весник") - излегувал во Лајпциг 1868-1869, а В. Липкнехт му бил редактор.


 

 

 

 

 

 

Фридрих Енгелс

ПИСМО ДО КАУЦКИ[1]

 

 

во Штутгарт

 

Лондон, 23 февр. 1891

 

Драги Кауцки,


Мојата итна честитка од завчера ќе да си ја примил. Значи, сега пак на споменатиот предмет на разговор, на Марксовото писмо.[2]

Стравот дека тоа ќе им даде оружје в раце на противниците беше неоснован. Злобните инсинуации можат да се закачуваат на се и сешто, но, се на се, впечатокот кај противниците беше полна смајаност од таа немилосрдна самокритика и чувството: каква внатрешна сила мора да има една партија што може такво нешто да си дозволи! Тоа произлегува од противничките весници што ти ми ги испрати (благодарам многу)! и од оние што инаку ми беа достапни. И, отворено речено, тоа и ми беше мислата кога го објавував документот. Дека тој во првиот момент мора некого мошне непријатно да го засегне - тоа го знаев, но тоа не можеше да се избегне, а реалната содржина, во моите очи, тоа каде-каде го надоместува. Знаев и дека партијата е доволно силна тоа да го поднесе и сметав дека таа денес ќе може да го издржи и тој, пред 15 години употребен, отворен начин на изразување; дека ќе биде можно со оправдана гордост да се посочи на тоа испробување на силите и да се каже: каде има друга партија што ќе се осмели на слично нешто? Ова, меѓутоа, му се препушти на саксонскиот и виенскиот „Arb(eiter)-Zig" и „Züricher Post"[3].

Кога Ти во бројот 21 на „N(eue) Z(eit)" ja земаш одговорноста за објавувањето, тогаш тоа е мошне чесно од Тебе, но не заборави дека првиот поттик сепак го дадов јас, а згора на тоа и донекаде Те принудив да го сториш тоа, затоа ја изискувам главната одговорност за мене. Колку за подробностите, за нив секогаш може да има различни мислења. Се што баравте Ти и Диц, јас го прецртав и го изменив, и да беше Д(иц) уште повеќе прецртувал, и во тој случај ќе бев колку што се може coulant [еластичен]; тоа постојано ви го докажував. Но колку за она главното, моја должност беше работата да ја објавам, штом програмата беше ставена на дискусија. Тоа особено сега по Либкнехтовиот реферат во Хале[4], во кој тој извадоците од неа делум ги употребува како своја сопственост без око да му трепне, делум, напротив, полемизира против неа без да ја споменува. Маркс на оваа преработка безусловно би и го спротивставил оригиналот, та јас бев должен тоа да го сторам наместо него. За жал, тогаш уште го немав документот, него го најдов дури многу подоцна, по долго барање.

Велиш оти Бебел Ти пишувал за тоа дека Марксовата постапка кон Ласал создала зла крв кај старите ласаловци. Можеби. Та луѓето не ја познаваат вистинската состојба на работата, а се чини дека ништо не е сторено таа да им се објасни. Дека овие луѓе не знаат дека целата Ласалова величина се засновува врз тоа што Маркс му дозволил нему со години да се краси со М(арксовите) истражувачки резултати како со свои сопствени, а притоа, поради недоволно познавање на економијата, да ги извртува, тоа не е моја вина. Но јас сум литературен извршител на Марксовиот тестамент и како таков имам и свои должности.

Ласал и’ припаѓа на историјата веќе 26 години. Ако во времето на исклучителниот закон историската критика за него молчеше, најпосле време е таа да дојде до своето право и да фрли светлина врз Ласаловиот став кон Маркс. Легендата што го покрива ликот на Ласал и го издига до небеса не може да биде член од партиското вјерују. Колку и високо да се ценат заслугите на Л(асал) за движењето, неговата историска улога во него останува демагогот. Низ агитаторот и организаторот Ласал насекаде ѕирка водителот на процесот на Хацфелдите[5]: истиот цинизам во изборот на средствата, истото претпочитување да се опкружи со озлогласени и корумпирани луѓе што можат како голо оружје да се искористат, односно да се отфрлат. До 1862 на практика специфично вулгарен демократ, со силни бонапартистички склоности (тукушто го прегледав неговото писмо до Маркс), тој неочекувано, од чисто лични причини, го сврти курсот и ја почна својата агитација; и пред да изминат 2 години бараше од работниците да застанат на страната на кралството против буржоазијата и со блискиот по карактер Бизмарк фати да ја реди работата на таков начин кој мораше да доведе до фактичко предавство на движењето да не беше, за своја среќа, во вистинскиот час застрелан. Во неговите агитациони списи она точното што го позајми од М(аркс) толку е проткаено со Ласаловите сопствени и постојани погрешни изведувања што едното од другото не може да се оддели. Дел од работниците што се чувствуваа повредени од М(арксовиот) суд ги познаваа Л(асаловите) агитации не повеќе од две години време, па и нив само низ обоени очила. Но историската критика не може пред таквите предрасуди да стои вечно со шапката в раце. Мене ми беше должност најпосле да го исчистам теренот меѓу Маркс и Ласал. Тоа и се случи. Со тоа јас засега можам да се задоволам. Згора на тоа сега имам други работи. А објавениот безобѕирен Марксов суд за Л(асал) веќе и самиот ќе подејствува и на другите ќе им влее храброст. Но ќе бидам ли принуден на тоа, тогаш мене не ми останува друг избор: ќе морам легендата за Ласал еднаш за секогаш да ја разбијам.

Дека во фракцијата се слушнаа гласови оти „N(eue) Z(eit)" требало да се подложи на цензура, тоа е бездруго прекрасно. Се присенува ли фракциската диктатура[6] од времето на исклучителниот закон (диктатура што беше неопходна и извонредно водена) или се тоа сеќавања за покојната цврста организација на Фон Швајцер? Навистина би било брилијантна идеја - германската социјалистичка наука, по нејзиното ослободување од Бизмарковиот закон против социјалистите, да се стави под еден нов закон против социјалистите што треба да се исфабрикува и да се спроведе од самата партиска власт. Впрочем, работите се така наредени што дрвата да не растат до небеса.

Статијата на „Vorvärts" малку ме засега[7]. Ќе попричекам на Либкнехтовата верзија на работата и тогаш ќе одговорам на обете по можност во пријателски тон. Во статијата на „Vorwärts" треба да се коригираат само некои неточности (на пример, дека ние не сме сакале обединување, дека настаните не му дале право на Маркс итн.) и да се потврди она, само по себе разбирливото. Со овој одговор мислам од моја страна да ја завршам дискусијата, во случај да не бидам принуден на понатамошно истапување преку нови напади и неточни тврдења.

Речи му на Диц дека работам на „Потеклото"[8]. Но сега ми пишува Фишер, па и тој бара три нови предговори!

 

Твој Ф. Е.

 

 

 

__________


Забелешки на преведувачот

 

 

[1] Кауцки тогаш бил редактор на неделникот „Die Neue Zeit”, теоретскиот орган на германската социјалдемократија во кој Енгелс ја објави Марксовата „Критика на Готската програма".

 

[2] Сe има предвид „Критиката на Готската програма".

 

[3] "Süchsische Arbeiter Zeitung" („Работнички весник") - орган на австриската социјалдемократија, излегувал во Дрезден од 1890 голина, отпрво како неделник, а потоа како дневник.

"Arbeiter - Zeitung" („Работнички весник") - излегувал од 9 јануари 1891.

"Züricher Post" - („Циришка пошта") - демократски дневник, излегувал од 1879 до 1936.

 

[4] Сe има предвид рефератот на Липкнехт за партиската програма изнесен на 15 октомври 1890 година на конгресот на германската социјалдемократија во Халe.

 

[5] Фердинанд Ласал од 1848-1854 ја водел бракоразводната парница на грофицата Софија фон Хацфелд.

 

[6] Станува збор за социјалдемократската фракција во германскиот Рајхстаг.

 

[7] Социјалдемократската фракција во Рајхстагот зазеде став спрема Марксовата критика на Готската програма преку уводната статија што Вилхелм Либкнехт ја објави во „Vorwärts" во бројот од 13 февруари 1981 година. Статијата говорела за „мошне актуелната вредност“ на „Критиката на Готската програма“ за германската социјалдемократија, истовремено тaa ce обидувала да го ослаби принципиелниот Марксов став и особено да го оправда усвојувањето на компромисната програма на конгресот на обединувањето во Гота.

 

[8] Сe има предвид подготвувањето на Енгелс на четвртото издание на „Потеклото на семејството, приватната сопственост и државата“ кое, во издание на Диц, излегло во 1891 година.



 

 

AFRIKAANS

Карл Маркс и Фридрих Енгелс

македонски